Бабин заб

(Tribulus terestris, fam. Zygophyllaceae)

Бабиниот заб е едногодишна зелјеста билка со жолти цветови позната по својата отпорност да преживее во услови на големи суши и други непогоди, поради што е позната и како „преживувач“. Стеблото е влакнесто и разгрането, ползи по тлото и достигнува височина до 60 сm. Листовите се спротивно положни, парно перести, со јајцеста форма и сиво-зелена боја. Цветовите се поединечни, правилни, мали, сместени во пазувите на листовите и гранките на стеблата. Плодот е составен од пет трнливи плодчиња кои многу лесно се лепат за влакната на животните и на тој начин растението се расејува. Во текот на годината се создаваат дури 5700 семиња. Цвета од април до септември.

Латинскиот назив на родот Tribulus потекнува од грчкиот збор Tribolos (железо кое се користело во војните), а името на видот Terestris (земјен) се однесува на приземниот раст на билката.

Билката има повеќе активни состојки меѓу кои сапонини и тоа протодиосцин (има антиканцерогено дејство и го подобрува сексуалното здравје) и протограцилин (го помага нивото на тестостерон).

Активен дел од растението е целиот надземен дел (Tribulus terestris herba). Екстрактот од листовите на растението, како и чајот имаат широка примена, а најчесто се користи за зголемување на либидото, при неплодност и при хронични воспаленија на органите од половиот систем.

Ова растение се препорачува како поединечен чај за подобрување на моторна активност и издржливост на телото, кај неплодност, стерилитет (посебно кај машки стерилитет, врз база на идиопатична олигоастенотератозооспермија, намалено количество и квалитет на сперматозоидите), ерективна дисфункција, фригидност, подобрување на функцијата на уринарниот тракт, менструални болки, климактерични тегоби кај жените и слично.

Чајната мешавина од бабин заб, лист од коприва, корен од женшен, лист од гинко, чичок, пасифлора, кора од цимет и од ѓумбир помага за подобрување на потенцијата кај мажите и кај жените. Овие билки ја подобруваат општата физичка и ментална активност кај човекот и ја забрзуваат циркулацијата. Дел од билките во мешавината дејствуваат и како афродизијак.

Оваа традиционална билка го поддржува растот и обновувањето на мускулите, ја зголемува силата и ја зголемува физичката издржливост. Многу спортисти велат дека оваа билка е многу побезбедна алтернатива за анаболичките хормони. Не само што ја зголемува мускулната маса, туку исто така може да помогне и при нарушувања на сексуалните дисфункции и намаленото либидо.

Другите придобивки од употребата на бабиниот заб вклучуваат: зголемување на нивоата на хормонот DHEA (дехидроепиандростерон), потоа има анаболитички ефекти, намалување на абдоминалната дилатација, подобрување на спортските перформанси, зголемување на либидото, зголемување на мускулната маса.

Чајниот попарок подготвен од оваа билка дава поголема сила, помага во намалување на телесните масти, го чува здравјето на бубрезите, ја зголемува сексуалната желба, ги зголемува енергетските нивоа, го поттикнува апетитот, го намалува заморот во мускулите.