Чичок

(Arctium lappa, fam. Compositae)

Чичокот е наше старо лековито растение. Претставува долгогодишна, зелјеста билка. Коренот од чичок е дебел, вретенест и долг до 60 сm. Стеблото е исправено, цврсто, жилаво, разгрането и достигнува височина до 150 сm. Листовите се крупни, имаат долга лисна дршка, јајцесто тркалезни, по рабовите брановидно засечени. На горната страна имаат зелена боја, а на опачината се сиво-зелени поради присуството на ситни меки влакненца. Долните листови се покрупни и имаат лисна дршка којашто е шуплива. Има тркалезни главичести соцветија со црвено-виолетова боја коишто се распоредени на врвот на растението на долги дршки. Тие се обвиткани со доста цврсти зелени листови коишто на врвовите се свиткани во облик на куки и поради тоа лесно се прилепуваат за предметите при допир. Расте покрај патишта, ливади, шуми, покрај насипи.

Како активен дел од растението се користи коренот. Коренот од двегодишни растенија се собира во пролет и есен, се суши неколку дена на сонце, а потоа се досушува во соодветни простории на провев. Освен коренот, може да се собираат и листовите додека се млади, како и семето кога ќе созрее.

Од хемискиот состав најважни компоненти се: инулин, протеини, палмитинска и стеаринска киселина, гликозиди, алкалоиди, танини, етерно масло и многу витамин C.

Чичокот се препорачува во облик на чај за подобрување на функцијата на црниот дроб, придонесува за нормална продукција на жолчка и ја прочистува крвта, односно поволно дејствува за детоксикација на организмот. Чајот од чичок го зголемува количеството на излачена урина, со што се постигнува прочистување и испирање на уринарниот тракт во случаи на воспаленија на уринарните патишта, циститис, пиелонефритис и други слични состојби.

Семето од чичок се употребува за подготвување на чичково масло кое е извонредно средство против перут, себореичен дерматитис и против опаѓање на косата. Надворешно, свежиот сок од корен од чичок се препорачува за смирување на симптомите при појава на влажен лишај, поткожни чиреви, нечиста кожа, младешки акни, отворени рани, опекотини.

Чајот од корен од чичок се подготвува во облик на декокт. Една супена лажица ситно исецкан и исушен корен се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува. Свежо приготвениот чај се пие пред оброк.

За ублажување на ревматски потешкотии во зглобовите и меките ткива се препорачува еднокомпонентен чај од чичок или мешавина со други лековити билки кои имаат слично делување и го помагаат смирувањето на болките коишто се јавуваат при овие состојби.