Калуѓерски бибер

(Vitex agnus castus, fam. Verbenaceae)

Калуѓерски бибер е грмушка висока до 2 m, распространета најчесто по приморските места.Целата билка мириса на бибер, особено плодовите. Стеблото е право, кората е сивожолтеникава. Оваа билка е многу разгранета, гранките се белузлави, четириаглести, слаби и лесно се виткаат. Има 5-7 долгнавести листови коишто на опачината се белузлави и волнести, а на лицето се темнозелени и без влакненца. Цветовите се ситни, виолетови (поретко розеникави или бели), здружени во густи соцветија. Цвета налето. Плодот е ситна коштунка, 3-4 mm со 4 семиња во внатрешноста. Оваа билка се сади и како украс.

Како активен дел од растението се собираат врвовите од гранчињата во цвет и плодовите (Agni casti herba et fructus).

Од хемиско фармакопејскиот состав на калуѓерскиот бибер најважно е етерното масло (0,4 %), хетерозидот агнозид, алкалоиди, танини и горчливи материи. Етерното масло е богато со цинеол.

Во народната медицина ова растение се употребува за побрзо заздравување на рани, дејство коешто се должи на присуството на танини и цинеол во неговиот состав.

Присуството на етерното масло ја оправдува употребата на калуѓерскиот бибер за подобрување на состојбата кај неуровегетативни пореметувања, неправилен ритам на срцето, несоница, стравови и други заболувања на нервниот систем. Плодот се употребува во домаќинството наместо бибер и како зачин и за подобрување на варењето на храната.

Чајната мешавина којашто во својот состав содржи лист од маточина, корен од глуварче, сладок корен, пасифлора, лист од коприва, ленено семе, лист од нане, калуѓерски бибер, лист од гинко и цимицифуга помага за подобрување на состојбата во климактериум. Комбинацијата од цимицфуга и калуѓерски бибер помага во намалување на појавата на честите бранови на жештина и на ноќното потење. Останатите билки од мешавината помагаат во регулацијата на хормоналниот статус, го подобруваат метаболизмот и помагаат за подобар сон.

Свежо подготвениот чај се пие два пати на ден. Се препорачува употреба на чајот најдолго еден месец, по што треба да следува пауза од две недели, а потоа циклусот може да се повтори. Не треба да се надминува препорачаната дневна доза. Не се препорачува негова употреба кај деца под 18-годишна возраст, при бременост и при лактација.

Плодот од калуѓерски бибер во комбинација со ајдучка трева, кора од врба, маточина, мајчина душица, пасифлора, валеријана и други билки се препорачува за смирување на менструални тегоби, регулирање на менструалниот циклус и намалување на обилни менструални крверења.