Пасифлора

(Passiflora incarnata, fam. Passifloraceae)

Пасифлората е долготрајна билка со потекло од САД, којашто кај нас се одгледува поради вондредно убавите, крупни цветови со пурпурна боја и необичен изглед и градба. Како активен дел од растението се користи надземниот дел од билката (Passiflora herba).

Надземниот дел од пасифлората има богат хемиски состав. Содржи цијаногенетски хетерозиди, танини, гална киселина, смоли, алкалоиди и други активни состојки.

Најчеста примена наоѓа како билка којашто го помага смирувањето, се користи против несоница предизвикана од различни причини, како на пример од прекумерна интелектуална работа, понатаму се дава кај неурастенија, хистерија и други нервни пореметувања. Пасифлората има смирувачко и релаксирачко дејство. Помага за поттикнување на сонот, за смирување и за опуштање на мазните мускули и поради тоа се препорачува за подобар сон, за подобрување на состојби на вознемиреност, за подобрување на состојби на менопауза, за смирување и ублажување на менструални тегоби, за подобрување на менталната способност и за релаксација на телото.

Може да се употребува како чај, поединечно или во комбинација со други лековити билки коишто имаат слично делување и делуваат синергистички или во облик на тинктури, екстракти и други галенски препарати.

Еднокомпонентниот чај од надземен дел од пасифлора се подготвува како попарок, инфуз. Една супена лажица сушена херба од билката се прелива со 250 ml свежо зовриена вода и се остава да отстои 10-15 минути во покриен сад. Повремено се промешува, пoтоа се процедува. Свежо приготвениот чај се пие пред оброк, засладен по желба.

Чајната мешавина којашто во својот состав содржи билки со седирачки ефект, како што се цвет од липа, лист од маточина, корен од валеријана, хмељ, пасифлора и од цвет од камилица помага за полесно заспивање и за подобар квалитет на сонот. Одбраните билки од мешавината дејствуваат благопријатно на организмот, го ублажуваат стресот и дејствуваат релаксирачки на целото тело.

За подобар сон, свежо подготвениот чај се пие еднаш на ден, 30 минути пред спиење. По потреба, свежо подготвениот чај може да се пие два пати во текот на денот, втората доза пред спиење. Доколку не е поинаку препишано, се препорачува долготрајно користење на чајот. Не се препорачува ракување со возило или со машина за време на користењето на оваа чајна мешавина. Исто така, неговата употреба е ограничена кај деца под 12-годишна возраст, за време на бременост и при лактација.

Чајната мешавина која во својот состав содржи пасифлора во комбинација со лист од маточина, корен од глуварче, сладок корен, лист од коприва, ленено семе, лист од нане, калуѓерски бибер, лист од гинко и цимицифуга помага за подобрување на состојбата во климактериум. Билките од оваа мешавина помагаат во регулацијата на хормоналниот статус, го подобруваат метаболизмот и помагаат за подобар сон.